Се реставрира црквата „Св. Горѓи Победоносец“

Со поддршка на Министерството за култура интензивно се работи на конзервација и реставрација на црквата „Св. Горѓи Победоносец“ во кумановското село Младо Нагоричане, која е споменик на културата од 16 век. „Конзервацијата и реставрацијата на овој значаен споменик на културата од поствизантискиот период се одвива во повеќе фази, а стручните екипи на Националниот конзерваторски центар во моментов ги реализираат активностите за консолидацијата на архитектонско-конструктивниот склоп на црквата, изведба на дренажен систем и партерно уредување.

Според усвоената динамика, се предвидува целосната реализација на проектот кој се однесува на архитектурата на црквата и нејзиното непосредно опкружување, да биде реализиран до крајот на годината. Потоа ќе бидат предложени мерки на заштита на фрескоживописот- стои во соопштението од Министерството за култура.

Претходно на овој сакрален објект било извршено зацврстување на конструктивниот систем, на покривот, а била извршена и санација на фасадите и потпорните ѕидови околу црквата. Црквата „Св. Горѓи Победоносец“ е трокорабна базилика со развиен впишан крст во основата.

Оваа монументална гробишна црква е изградена од разнобојни обработени камени блокови, фасадно декорирана со керамопластични елементи, како една од повеќето сакрални градби во кругот на голема монашка заедница.

 

Коментари

коментар(и)