Куманово деновиве блескаше во предновогодишна атмосфера, почнувајќи од празничните светлечки декорации, преку прекрасна музика, омилените маскоти на децата, па се до хуморот и сатирата.
Во петокот, во рамките на празничната програма кумановци уживаа во стенд ап шоуто на актерот Жарко Јовановиќ, додека пак, најмладите утредента на градскиот плоштад се дружеа со Дедо Мраз и со омилените ликови од цртаните филмови. Новогодишна детска забава во Куманово донесе многу радост, насмевки и незаборавни моменти, а програмата беше поддржана и од општествено одговорни компании кои решија наместо новогодишна прослава да донираат пакетчиња за социјално загрозени наши сограѓани, топло вино и ракија заедно со колачиња за сите присутни.
Празничниот викенд заврши со новогодишен концерт на градскиот плоштад, а присутната публика ја забавуваа Мартинијан Кириловски, рок бендот Пеперминт и поп пејачката Антониа Гиговска.
Настаните беа во организација и реализација на Фондацијата за култура и спорт „Куманово”, под покровителство на градоначалникот и Советот на Општина Куманово.