Со повеќе од еден милион евра ќе се надградува водоснабдителниот систем во Куманово

Со 1.380.000 евра ќе се изврши надградба на дел од водоснабдителниот систем во Куманово, рече на денешната седница на Советот на општината, Оливер Стојмановски, директор на ЈП „Водовод“. Средствата се веќе обезбедени од Европска инвестициона банка преку министерството за животна средина и просторно планирање, а станува збор за проект кој го изработи и достави до надлежните, ЈП „Водовод“.

Според Стојмановски, проектот е одобрен и се очекува во март следната година да биде распишана јавната набавка. Времетраењето на градежните работи и поставување на опремата ќе трае околу девет месеци.

„За проектот за замена на инсталација на куќни комбинирани водомери средства во вредност од 1.900.000 евра допрва ќе се обезбедуваат. Техничката документација за овој проект е подготвена, доставена е до неколку институции кои можат да помогнат во обезбедување пари “, појасни Стојмановски.

Со програмата за работа за 2025 година, ЈП„Водовод“ предвидува и набавка на товарни возила.

„Станува збор за 7 моторни товарни возила, проценетата вредност е околу 150.000 евра. Планирано е годишната рата на финансиски лизинг да се движи помеѓу 130.000 и 150.000 денари месечно. Последно набавено возило од таков тип е од 2009 година, сите други останати возила се или расходирани или самото нивно одржување е многу поскапо од самата набавка на вакви возила и она што ќе биде плаќано. Процентот на наплата до ноември месец за тековна сметка е околу 61.6 проценти, а за 2024 година заклучно со 30 ноември е 77 проценти“, рече Стојмановски.

 

Коментари

коментар(и)