Спасовски најави градинка во населба Карпош

Носителот на листата на изборната единица 2, на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коалицијата, Оливер Спасовски синоќа пред жителите на населбата Карпош промовираше дел од мерките кои се предвидени во програмата План за живот во Македонија. Тој вети дека меѓу приоритетни проекти за овој дел од градот е изградба на нова детска градинка, но и решавање на проблемот со стечајните работници.

-Досега во Македонија имаше бенифициран работен стаж за војската, полицијата, рударите и пожарникарите, најавуваме дека ќе носиме закон и ќе има бенифициран работен стаж и за земјоделците и сите градежни работници, бидејќи сметаме дека тие две категории се изложени на временски непогоди за нив е потребно да имаат бенифициран работен стаж и некаде околу 60 година староста да можат да заминат во пензија-изјави Спасовски.

Спасовски најави и целосни реформи во пензионскиот, образовниот и здравствениот систем. Нагласи дека во првите 100 дена од формирање на владата на СДСМ ќе се дефинира минималната плата да биде 12.000 денари за да до крајот на мандатот достигне 16.000 денари,  а просечната да 30.000 денари. Додаде дека е предвидена и директна поддршка на домашните компании со цел отворање нови работни места, како и укинување на екстерното тестирање. Кандидатите на СДСМ и коалицијата се сретнаа и со граѓаните на населбата Перо Чичо, како што исто така презентираа дел од програмата.

Коментари

коментар(и)