Спортски активности за меѓуетничка интеграција на учениците

Ученици од различни етнички заедници од основните училишта „Христијан Карпош“, „Толи Зордумис“, „Бајрам Шабани“ и „Јеродним де Рада“ и членови на Здружението за промоција и развој на инклузивно општество, „Инклузива“ денеска присуствуваа на спортска активност, која е во рамки на проектот на УСАИД за „Унапредување на социјалната кохезија во Македонија“. Проектот го имплементира меѓународната организација Потрага по заедничка основа во Македонија, во соработка со локалните партнери Отворени забавни фудбалски школи.  Истиот има за цел да ја зајакне меѓуетничката интеракција помеѓу децата и младите и да го унапреди меѓукултурното образование.

-Овој настан е за децата и оние што ќе создадат најмногу пријателства денес ќе бидат победници. Проектот се реализира во десет општини во Македонија меѓу кои и во Куманово, вакви настани реализираме во повеќе училишта, паралелно организираме и обуки за наставници, инспектори, негователки во градинки, родители со цел да го надминеме моментот на конфлик и да доаѓаме до решенија, преку разбирање и соживот и социјална кохезија-истакна координаторот на проектот, Марко Соколовски од организација Потрага по заедничка основа.

Проектниот тим на училиштата им донираше спортска опрема, која ќе можат да ја користат за наставата по физичко воспитување.

-Станува збор за возрасна група на деца од трето и четврто одделение кои ќе имаат спортски игри, натпревар и ќе победи оној што ќе има најмногу пријатели на крајот. Сега почнуваме, ова е првиот настан па ќе имаме обука и други настани и средби, но ова денеска ќе биде многу интересно и забавно за децата-истакна директорката на ОУ „Христијан Карпош“, Лидија Костиќ.

Раководителот на Секторот за образование при Општина Куманово, Жика Крстевски истакна дека овој проект придонесува за кохезија на децата од различни етнички заедници.

-Куманово како мултиетничка средина секогаш е целна група на многу проекти кои се во насока на мултиетничко зближување на заедниците кои живеат на овој простор, така што и со нашата стратешка програма за мултиетничка интеграција во образованието и во општеството, сите добронамерници кои доаѓаат со вакви проекти се добредојдени и нашите училишта максимално се вклучуваат-наведе тој.

Освен во Куманово, спортските активности ќе се одржат и во основните училишта во Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Дебар и Радовиш. Проектот „Унапредување на социјалната кохезија во Македонија“, ќе се спроведува до 2021 година.

 

Коментари

коментар(и)