ТК „Тумба“ од Куманово го освои третото место во Машката тениска лига на Македонија, што претставува најдобар пласман во историјата на клубот.
Изминатата недела на терените на ТК Поинтер се одржа Машката Тениска Лига на Македонија — настан што ги собра на едно место најдобрите клубови во земјата. Победничкиот пехар го подигна ТК „Југ“, второто место го освои домаќинот ТК „Поинтер“, трето место ТК „Тумба“, додека ТК „Мондано“ се пласираше на четвртата позиција.
„Овој успех е плод на трудот, посветеноста и борбениот дух на нашите играчи, а воедно е и потврда дека одиме во вистинската насока. Со уште поголем апетит и амбиција, во следната прилика се стремиме кон врвот. Нашиот тим го сочинуваа: Далибор Димковски (капитен), Алексеј Стојмановски, Марин Стефановски, Стефан и Марко Дебрешлиоски, Славко Саздовски и Марко Димковски. Им благодариме на сите што беа дел од овој незаборавен спортски настан. Ова достигнување го посветуваме на сите наши членови, навивачи и поддржувачи — гордоста е заедничка“, велат од ТК „Тумба“ Куманово.