„Толи Зордумис“ се вклучи во Европска недела на спортот

Општинското основно училиште „Толи Зордумис“  вчера попладне  беше домаќин на спортски активности со кои што во Куманово беше отворена Европската недела на спортот , која се одбележува од 23 –ти до 30 –ти септември . Директорот Миле Јордановски ги поздрави учениците спортисти од двете одбојкарски екипи на „Толи Зордумис “ со што отпочнаа активностите во рамките на проектот „Европска недела на спортот“ , дефиниран од Еразмус + Програмата при Европската Комисија.

-Ова е прв настан со кој на некој начин ја отвораме свечено Европската недела на спортот. Инаку, кај нас моментално се предвидени физички спортски активности за ученички од основни училишта. Целта на овој проект , кој се организира преку Агенцијата за млади и спорт и преку Совет на Општина Куманово и градоначалникот на Општина Куманово е подигање на свеста на децата за физичките активности бидејќи тие сега се преоптоварени со примена на модерните телекомуникации, информациски и комуникациски технологии –ИКТ итн. и целта е што повеќе да се движат. Не мора да значи дека треба да играат само одбојка, кошарка, фудбал туку  може да имаат активности со пешачење, планинарење, со возење велосипед, изјави Миле Јордановски, директор на ООУ „Толи Зордумис“

Покровител на сите спортски манифестации кои што неделава ќе се организираат во повеќе училишта во градов е Агенцијата за млади и спорт на РМ во соработка со градоначалникот и Советот на Општина Куманово. Европската недела на спортот насловена како #BeActive ќе придонесе за развој на спортот во смисла на активно вклучување на граѓаните, индивидуално и институционално унапредување и промовирање на стилови за водење грижа на здрав живот на секој поединец. Воведувањето на овој проект во Република Македонија на локално ниво ќе овозможи квалитетни активности кои создаваат вредност и одржливи резултати кои ќе ја продолжат #BeActive пораката во земјата.

Коментари

коментар(и)