(ВИДЕО) Успешна година очекуваат пчеларите

Кумановските пчелари се оптимисти дека и покрај променливите временски услови, оваа година ќе биде успешна, но и подобра од минатата која беше катастрофална. Иако временските услови во мај и јуни не им одеа во корист, пчеларите се надеваат дека состојбата ќе е доста подобра од лани, кога останаа без мед и пчелни производи, но се уништија и голем број пчелни семејства.

-Неблагодарно е уште сега да прогнозираме колку ќе има, како се уште чекаме да си ја завршат својата работа па дури потоа ние доаѓаме на сцена и да видиме што ќе остане за нас. Очекувањата се подобри од минатата година, далеку од некои рекорди, некоја добра година, меѓутоа но во однос на лани кога беше нула приход или 2 килограми во просек како што пресметавме, оваа година ќе биде подобра се надеваме-вели Горан Митевски, претседател Здружение „Пчела“ Куманово.

-Не ни одеше во прилог во мај и почеток на јуни климатските промени, беше доста ладно времето не одеше во прилог на пчелните семејства. Сега затопли веќе почна интензивна паша има внес на нектар, понатмау ќе видиме како ќе продолжи. Ако продолжи со овој интензитет пашата да потрае малку потоплото време и секако ако падне некој дожд ќе има задоволителни резултати-дополнува Часлав Ристовски, пчелар Куманово.

Пчеларите од Куманово се надеваат и дека нема да го  усвои предлог законот, со кој би плаќале пашарина, бидејќи нивните пчели оделе на државно земјиште. Велат ова ќе биде само дополнителен товар за нас, во време кога добиваме се помалку мед.

-Треба да се трудиме што повеќе да го развиваме пчеларството, а не на овој начин да стагнира со воведување на данок за пашарина. Треба државата да ни овозможи подобар третман на нас пчеларите, да го развиваме пчеларството, да ја заштитуваме пчелата бидејќи со самото заштитување и развивање на пчелата опстанува природата воопшто а со тоа и целиот жив свет-нагласи пчеларот Часлав Ристовски.

Кумановските пчелари се надеваат дека државата ќе има слух и дека овој предлог нема да се донесе.

 

Коментари

коментар(и)