Утре ќе се одржи седница на Советот на општина Куманово

Советот на Општина Куманово утре ќе одржи редовна седница на која според доставениот дневен ред ќе се расправа за 83 точки. Првите десетина точки се однесуваат на извештаите за финансиско работење и предлог-годишен план за вработување во кумановските јавни претпријатија, „Куманово-паркинг“, „Водовод“, „Чистота и зеленило“, „Куманово-гас“, „Куманово- план“, „Пазаришта“. Советниците ќе дискутираат и за предлог – годишниот план за вработување во 2022 година во библиотеката „Тане Георгиевски“ и во домот за стари лица „Зафир Сајто“ , а ќе се бара согласност од советниците за детската градинка „Ангел Шајче“ да може да има поголем број на деца во воспитните групи.

На утрешната седница на дневен ред ќе се најде и кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Куманово за II квартал од годинава, но и предлог – одлуката за давање согласност на предлог – годишниот план за вработување во Општина Kуманово за 2022 година.

Пред стартот на учебната година, советниците ќе расправаат и за годишните извештаи и програма за работа на средните и основните училишта во Куманово, но и за предлог- вработувањата во дел од училиштата.

Коментари

коментар(и)