Во пресрет на меѓународниот ден на жената, 8-ми Март, фото клуб „Куманово“ од Куманово, во соработка со училиштето „Кочо Рацин“, беше домаќин на предавање на тема „Жената во уметноста – денес“, кое имаше за цел да ги разбуди креативните нишки кај младите девојки ученички, кон послободно творење и отворање кон светот на уметноста. Меѓународниот ден на жената 8-ми Март, е потсетник да запреме – да го согледаме и славиме напредокот на жените низ историјата. Историја која сведочи за борба на храбри и достоинствени жени со цел обезбедување на подобра позиција на жената во сите сфери на општеството. Општество ослободено од стегите на родовата нееднаквост – општество отворено за промени и нови предизвици.
По предавањата, следуваше работилница (кратка фото-школа) изведена од членовите на клубот. Работилницата за фото едукација е пропратена со теренска настава, фотографирање надвор. Најдобрите фотографски записи, кои ученичките од осмо и деветто одделение ќе ги направат, ќе бидат изложени на изложбата Жените и фотографијата, која традиционално се одржува на 8-ми Март, во центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.