Во просториите на Фото клуб Загреб (ФК Загреб), вечерва во 19.30 часот ќе биде отворена клупската изложба на Фото кино клуб „Козјак” – Куманово (ФКК „Козјак“). Поставката насловена „Луѓе“ има вкупно 60 фотографии. Со свои фотографии на изложбата во Загреб ќе се претстават авторите: Иван Михајловиќ, Марјан Јаневски, Милош Нешковски, Марјана Павличек, Филип Илиевски и Дејан Краљевски.
„Во просториите на Фото клуб Загреб ќе бидат изложени 60 фотографии од повеќе автори – членови на Фото кино клуб „Козјак” – Куманово во склоп на клупска изложба со наслов „Луѓе”. Публиката од Загреб ќе има можност да посети изложбата до крајот на февруари. Ова е кулминација на долгогодишната плодна соработка помеќу ФКК „Козјак“ и ФК Загреб и нивните членови. Се надеваме дека и ФК Загреб со неговите членови во блиска иднина ќе ни бидат гости во Куманово“, велат од Фото кино клуб „Козјак“
„Козјак“ е најстар активен фото и кино клуб во Македонија. Клубот се оформува во 1948 година и до ден денес опстојува со своите активности. Клубот „Козјак“ во денешно време се регистрира како еден од најактивните и најбројните клубови во Македонија. Од него произлегуваат фотографи и филмски уметници кои му се познати на светот со своите вонредни дела. Низ годините, клубот организира и учествува во многубројни клубски, меѓуклубски и меѓународни изложби, кои резултираат со награди, дипломи и признанија за нашите членови. Веќе неколку години континуирано клубот организира меѓународни изложби, меѓу кои и една од најпрестижните изложби на фотографии „Фото Салон“.
Фото клубот од Загреб е еден од најстарите клубови во овој дел на Европа, основан во 1892 година. Денес, Фото клуб Загреб има повеќе од двесте активни членови, а отворен е за соработка со аматери, професионалци, уечници, струденти, професори, иженери, лекари…
На сите заедничка љубов им е фотографијата.