Здруженијата и други правни лица можат да аплицираат на јавниот повик од општина Куманово за финансиска поддршка во спроведување на превентивно-промотивни активности за унапредување на здравјето преку кампањи од областа на здравствената заштита. Активностите, како што соопштија надлежните од Секторот за социјална, детска и здравствена заштита на денешната прес-конференција во општина Куманово можат да опфатат повеќе теми како што се подигнување на свеста за превенција на дијабетесот, за превенција од сексуално преносливи болести, подигнување на свеста кај родителите заради поголем опфат со вакцинација кај децата, рутински здравствени прегледи и скрининг на заболувања и други теми од областа на здравствената заштита. Кампањите од областа на здравствената заштита ќе бидат финансиски поддржани со вкупно 100.000 денари.
Како подносители на предлог-проекти остварување на правото на финансиска поддршка во спроведување на превентивно-промотивни активности за унапредување на здравјето преку кампањи од областа на здравствена заштита на територија на општина Куманово, можат да се јават здруженија и други правни лица кои имаат регистрирана дејност од областа на здравствена заштита а кои ги исполнуваат следните критериуми:
– да се регистрирани во Централен регистар на РСМ како здруженија на граѓани/правни лица и истите да се со седиште на територија на општина Куманово како матична општина,
– да имаат Програма за работа за 2025 година која опфаќа активности од областа на здравствена заштита.
Едно здружение/правно лице на Јавниот повик може да поднесе еден предлог-проект за финансиска поддршка за вршење работи од областа на здравствена заштита.
Секој предлог-проект се доставува со апликационен формулар до општинската архива.
Јавниот повик ќе трае 14 (четиринаесет) дена од денот на објавувањето, односно од 10.02.2025 година заклучно со 24.02.2025 година.
Сите заинтересирани здруженија/правни лица, потребните формулари можат да ги подигнат по електронски пат на веб страната на општина Куманово или во општинските простории , на портирницата во зградата на поранешен „Козјак.
Предлог – проектите со целокупната документација се доставуваат во писмена форма до општинската архива со назнака „До Одделение за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита. Апликационите формулари со непотполна документација и/или поднесени надвор од предвидениот рок нема да бидат разгледувани, информираат надлежните.
Минатата година финансиска поддршка од општината преку јавниот повик добија основното училиште 11 Октомври кое реализираше активности за превенција на булинг кај младите и здружението за дијабетичари од Куманово кое спроведуваше активности за превенција на дијабетес.