Царинската управа и АХВ потпишаа нов меморандум за соработка

Зголемена безбедност на храната која се внесува во државата преку заеднички и координиран пристап на Царинската управа и Агенцијата за храна и ветеринарство, како и олеснување и забрзување на легалната трговија. Ова се конкретните придобивки, договорени со Меморандумот за соработка, што денеска го потпишаа директорот на Царинска управа Бобан Николовски и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов.

„Безбедноста на храната ни  е еден од клучните приоритети. Суштината на Меморандумот е зајакнат и координиран пристап преку размена на информации со што делуваме превентивно во спречување на секој обид за криминал со храна. Секој обид за загрозување на здравјето на граѓаните ќе биде најстрого санкциониран. Истовремено зајакнување на соработката е клучна и за унапредување на делувањето против царински измами со храна. Размената на информации е клучна за сузбивање на ваквите криминални дела преку анализа на податоци, креирање на профили на ризик и преземање на истражни дејствија и фаќање на сторителите”, истакна директорот Николовски.