ВИДЕО: ЈП „Куманово-гас“ со загуба од над два ипол милиони денари во периодот јули-септември 2025

Јавното претпријатие „Куманово-гас“ остварило загуба од 2.722.301 денари во периодот од први јули до триесетти септември 2025 година, покажува тримесечниот извештај за финансиското работење, кој беше усвоен на денешната седница. Според директорот на претпријатието, Марко Митровски ваквата финансиска состојба е заради летните месеци кога природниот гас го користат само домаќинствата, а не големите потрошувачи, како што се фабриките.

„Финансиска добивка претпријатието остварува во првиот и во четвртиот квартал од годината, бидејќи во екот на грејната сезона овој енергенс, природен гас се користи за загревање и кај физичките и кај правните лица. За да претпријатието континуирано остварува добивка потребно е ширење на дистрибутивната гасоводна мрежа и се поголем број на приклучоци. За дваесет години досега имаме изградено 25 километри мрежа, а приклучени се 36 правни и 205 физички лица. По физибилити студија, за да биде покриен целиот град треба да бидат изградени вкупно 350 километри дистрибитувна мрежа, а ние немаме ниту десет проценти реализирано, истакна Митровски.