Ќе се гради индустриската зона

Постои голем интерес од страна на потенцијалните инвеститори за индустриската зона каде што ќе има место за повеќе компании од лесната и незагадувачка индустрија, информира градоначалникот Максим Димитриевски. Со видео презентација изработена на неколку странски јазици, Општина Куманово ќе ги привлекува инвеститорите за Новине и Речица.

-Во оваа индустриска зона имаме вцртано градежни маркици за изградба на индустриски капацитети од аспект на лесна и незагадувачка индустрија, под шифрата Г4 со можност за компатибилни градби и тоа значи дополнителни трговски единици, сместувачки капацитети, се во функција на она што значи лесна и незагадувачка индустрија, бидејќи Куманово е чист град, немаме големи простори за тешка индустрија и ќе го задржиме тој примат на чист град, ќе се обидеме да го унапредиме и да ја заштитиме животната средина, но секако и да ги зголемиме економските капацитети, рече Димитриевски.

Првите градежни активности се очекува да започнат деновиве, со 20 милиони денари кои локалната самоуправа ги доби како поддршка од Владата . Како што посочуваат надлежните, ќе бидат повикани потенцијални странски, но и домашни инвеститори.

– Добивме поддршка од нивна страна за почеток финансиска, дополнително општината следна година врз база на средствата кои ќе ги прибере од продажба на парцелите кои што ќе одат исклучиво на транспарентен начин по пат на јавно наддавање ќе ги реинвестира средствата во изградба на капацитетот и на инфраструктурата и воедно очекуваме Владата и следната година да не следи во тој тренд, рече кумановскиот градоначалник.

Граѓаните треба да имаат надеж, потенцираше Димитриевски, бидејќи имаме амбиции да направиме со оваа зона едно економско поместување во позитивна насока во државата.

Коментари

коментар(и)