Ќе се спојат улиците „11 Октомври“ и „11 Ноември“

Од вчера Општина Куманово почна со реконструкција и пробивање на кракот од улица „11 Ноември“ кон улицата „11 Октомври“ во центарот на Куманово.

Поврзувањето на двете улици е со цел да се намали сообраќајниот метеж во овој дел на градот. Новата улица е во должина од 310 метри, а нејзината реконструкција ќе чини 4.735.000 денари. Пред започнувањето на градежните работи беа отстранети времените објекти и се создадоа услови за реализација на проектот.

Градоначалникот Димитриевски истакна дека ова е долгогодишен проблем со кој се соочува градот, но граѓаните имале разбирање за дислокација на времените објекти. Тој се надева дека реконструкцијата на улицата ќе придонесе за развој на овој дел на градот и заживување на деловните субјекти.

Инаку, оваа реконструкција е предвидена во годишната програма, а планирано е да се заврши до крајот на април, доколку не се појават проблеми во подземната инсталација. Претходно на улицата е поставена гасоводна мрежа за потребите на населбата и кумановската болница.

Коментари

коментар(и)