Во сабота во храмот „Свети Никола“ за прв пат од постоење на кумановско-осоговската епархија ќе се одржи групно крштевање. Чинот кој е планирано да започне во 10 часот, е наменет за лица постари од 18 години. Од епархијата соопштија дека веќе се пријавиле 10-ина лица, кои сакаат да ја примат православната вера.
-Лицата кои ќе дојдат да бидат облечени во кратки маички и шорц за да можат да бидат крстени, помазани со елеј, па потоа и со миро. Да донесат по еден пешкир за да може откако ќе бидат оросени со вода да се избришат – изјави отец Ивица Трендевски.
Отецот наведе дека на овој начин кумановско-осоговската епархија им дава можност на сите лица кои претходно поради различни причини не биле во можност, да ја примат светата тајна-крштение и да станат членови на православната црква.
-Сабајлево имавме бабичка од 80 години прашува за својот син кој е 55 годиште роден во такво време кога не можеле да завршат со крштевка. Потоа не можел, не сакал да се нафати и други сега некако успеале да го наговорат и да биде присутен на таа крштевка, односно додека е жив да го прими чинот на светото тајно-крштение-додаде тој.
Инаку минатата недела во црквата „Света Петка“ по втор пат се одржа групна венчавка. На тој начин пет сопружници од Куманово, бесплатно го крунисаа својот брак во црква.