4,6 милиони денари за Фондацијата за култура и спорт

4,6 милиони денари предвидени се за реализација на Годишната програма за 2020-та на Фондацијата за култура и спорт со кои што ќе треба да се организираат 19 културни манифестации. Првично за програмата биле предвидени седум милиони денари, но подоцна со одлука на Управниот одбор на Фондацијата биле скратени дел од средствата за манифестациите, рече на денешната седница на Советот на Општина Куманово, директорот Нино Величковски. Позитивни коментари за работата на Фондацијата на адреса на Величковски беа упатени и од власта и од опозицијата во советот, но повторно се наметна идејата – локалната самоуправа да набави сопствена бина, наместо да исплаќа голема сума на парични средства за изнајмување .

Советникот Зоран Петрушевски рече дека во текот на 2019-та  година само за изнајмување на бина биле потрошени околу 830 илјади денари.

– Сакам да ги повикам луѓето што ветуваа дека ќе го разгледат ова прашање, ги повикувам уште еднаш да разгледаат, затоа што 830 илјади за оваа по 4 години би виделе колку се пари, кога би имале наша бина многу наши школи и невладини организиции по други основи би ја користеле, рече советникот Петрушевски.

Идејата за општинска ја поддржува и директорот Величковски. Според него, бината би можела да биде и статична, по примерот на Бања Лука и Златибор.

– Тоа би било голема работа за градот кога би можело да се одвојат средства за бина, бидејќи немате голема манифестација, а за бина за една вечер да нема под 3.000 евра, за да има 10 манифестации тоа се 30.000 илјади евра , сакале или не ќе ги дадеме, убаво е да се направи ако имаме средства, рече Величковски.

Во програмата за спортот предвидени  се 300.000 денари како резервни средства, кои што ќе се доделуваат во зависност од барањата кои во текот на следната година ќе пристигаат до Фондацијата од спортисти или спортски клубови.

Поголема е и ставката за поддршка на млади автори кои што можат да аплицираат со свои идеи до Фондацијата во текот на 2020 –та година

Во текот на расправата, советникот Осама Муадини потенцираше дека во годишната програма немало културни манифестации за албанската етничка заедница, на што и власта и опозицијата му одговорија дека културните манифестации не се делат по етничка основа и никаде во програмата не пишува дека некоја од нив е за Македонци , Албанци или други етнични заедници.

-Ве повикувам како советник да ги посетувате овие настани да бидете поупатени да излезете од таа класична моноетничка матрица која не води во ретроградни процеси и да ви дообјаснам, во програмата за културни манфиестации подоцна ќе видите голем број настани кои ги подржуваме директно помалите етнички заедници, каде за прв пат средствата на „Бајрам Шабани“  се зголемени два пати, така да не ви држи воопшто таа дискусија, а се обидувате пред избори, не само што ја напаѓате локалната самоуправа, туку да фрлите ракавица кон другите етнички партии тука дека вие сте борец за правата на Албанците, а останатите не реагираат. Ваквите дискусии не водат во добра насока и вашиот политички субјект ако ги поддржува ваквите дискусии не оди во добра насока за придобување на гласачкото тело, затоа што сите сме уморни од вакви етнички преоптоварувања, рече Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово

По расправата , советниците сепак ја изгласаа Годишната програма за 2020-та  година на Фондација за култура и спорт.

Коментари

коментар(и)