Неименувани улиците во „Гладно поле“

Стотици жители на урбаната единица Гладно Поле, во населбата Перо Чичо, се уште немаат добиено имиња на улици и покрај тоа што согласно законот постои обврска задолжително да се утврди име на секоја улица, плоштад, мост и други објекти. Тие велат дека иако имаат урбанистички планови и ја завршиле постапката за легализација, општината се уште не донела одлука за определување на имиња на улиците. Раскажуваат дека поради неименуваните улици не можат да извадат документи, а досегашните им се на стари адреси.

-Градоначалникот доаѓаше еден пат и му поставивме прашања рече дека ќе се реши, но од тогаш нема ништо. Да не бидат улиците по имиња, да не се караме за борци, рекоа нека бидат по броеви. Нас  не не интересира како ќе ја именуваат важно да имаме улица и број во личната карта. Јас 10 години се водам на стара адреса-изјави Слободан Павловски, жител на Гладно поле.

Жителите на Гладно поле истакнаа дека поради овој проблем, многу пати се случило и нивните сметки да завршат кај некој од соседите, или пак воопшто да не стигнат.  Додаваат дека кога викаат такси превозници или Итна помош, возилото го чекаат на влезот во населбата, бидејќи поинаку не може да ги најдат.

-Документите ни доаѓаат на стара адреса, а ние таму немаме веќе ништо, можеби се враќаат назад во пошта, ние ништо не знаеме-истакна Марина Ѓорѓиевска.

Според нив за именувањето не е потребно вложување на огромни средства, туку само волја да се реши проблемот.

-Велат дека тоа не е до нив надлежност, некој ја кочи работата, но по наше размислување би требало тоа да се реши, не е некое вложување на средства толку големо за да се направи пат или канал, овде нема никакво вложување-додаваат жителите.

Тие апелираат што поскоро надлежните да ги именуваат нивните улици, за да конечно им се издаваат лични документи на сопствена адреса. Од секторот за урбанизам при Општина Куманово истакнаа дека е во тек процесот за нумерирање на улиците.

Коментари

коментар(и)