Дваесет апликации во првата фаза на тендерот за пругата кон Бугарија
Дваесет апликации се доставени за учество на тендерот за доизградба на првите две делници од пругата кон Бугарија, што го објави Европската банка за обнова и развој. Осум од апликациите се за првата делница Куманово-Бељаковце, а 12 за втората, Бељаковце-Крива Паланка. Станува збор за меѓународни конзорциуми, изјави Хари Локвенец, директор на Македонски железници Инфраструктура.
Во тек е евалуација на доставената документација, по што се очекува кон крајот на месецов да се финализира листата со учесниците кои ги исполнуваат условите и ќе можат да учествуваат во втората фаза на тендерот со доставување финална понуда.
На првата делница во должина од 31 километар се завршени 54 проценти од градежните работи, кои беа прекинати откако германската фирма „Вибе“ еднострано го раскина Договорот за изведба. Втората делница е долга 34 километри.
Предвидено е првата и втората фаза заедно да се реализираат во рок од 36 месеци.