Дигитализирана литература во „Тане Георгиевски“
Кумановскиот неделник „Наш весник“, што престана да се печати пред 20 години, кога беше поразен од средствата за дигитална технологија, се обработува во современа, дигитална форма веќе три години и тоа во градската библиотека „Тане Георгиевски“ во Куманово. Во Североисточниот регион на Македонија, нашата библиотека е единствената што го започна процесот на дигитализација на книги чиј фонд изнесува 230.955, а „Наш весник“, засега, е единственото издание што е дигитализирано од страна на оваа јавна установа. Весникот почна да излегува во 1961 година и еве, и после 60 години, текстовите за некогашните случувања во градот привлекуваат интерес кај нашите граѓани, што од носталгични причини, што од недостатокот на друга дигитализирана литература. За потсетување, неодамна советниците од ВМРО- ДПМНЕ му забележија на градоначалникот Максим Димитриевски дека не го исполнил ветувањето, дадено во 2018 година за дигитализација на библиотеката, на што тој одговори дека овој проект е целосно завршен, мислејќи на електронската евиденција на книгите. Луѓето честопати не ја знаат разликата од воведување на електронска евиденција и каталогизирање до обезбедување библиотекарскиот фонд во електронски формат, па затоа и доаѓа до недоразбирања.