Повредени се шест лица од експлозија на плинска боца во с.Матејче
Силна експлозија предизвикана од плинска боца во викендица во с.Матејче, доцна синоќа ги вознемири жителите на овој регион.
Во несреќата, шест лица на возраст од 30 до 40 год. се здобиле со тешки изгореници по што истите се пренесени во кумановската болница од каде поради сериозноста на повредите тројца од нив се префрлени во старата градска болница а останатите три лица се на интензивна нега во клиничкиот центар Мајка Тереза.
Известен е јавен обвинител, а увид изврши и екипа на СВР Куманово и се работи на расчистување на случајот, вели Тони Ангеловски.
Директорот на болницата “Наум Охридски” Д-р Љубен Арсенков вели дека лицата се во стабилна состојба и надвор од животна опасност.
-Донесени се тројца пациенти некаде околу 30 годишна возраст, за среќа сите се со полесен степен на изгореници. Едниот од нив моравме да го сместиме привремено на интензивна нега, а другите двајца се на одделение. Обработени се површините кои се изгорени и зафаќаат 6-10 проценти од кожата, истакна д-р Арсенков.
Овој немил настан потсетува на трагедијата која се случи минатата година во семејна куќа во с.Романовце, кога при експлозија на плинска боца, на лице место животот го загубија три малолетни деца а уште неколкумина подоцна им подлегнаа на повредите.