Укината е забраната за користење на кујната во детската градинка „Пчелка“. Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Агенцијата за храна утврдиле дека е постапено по сите наложени противепидемиски мерки.
Резултатите од Центарот за јавно здравје Куманово од земените брисеви од работни површини во централната, како и двете чајни кујни, покажале дека нема изолати на патогени бактерии и сите брисеви ги задоволуваат хигиенските стандарди.
Од детската градинка информираат и дека се уништени четирите тубички, во кои беше регистирана салмонела. Спроведено е и вонредно механичко и хемиско чистење на кујната, извршена е целосна дезинфекција и направени се вонредни здравствени прегледи на вработените во кујната.
Оваа бактерија беше потврдена кај 31 дете и тројца вработени. Во Центарот за јавно здравје Куманово беа регистирани 66 пријави за труење кај деца згрижени во три клонови. Поради лошата состојба, неколку дечиња беа хоспитализирани и на детскиот оддел во Куманово.