(ВИДЕО) Расте интересот за трета доза вакцина против Ковид 19

Во кумановскиот Здравствен дом трета доза вакцина против ковид 19, досега примиле над 1.500 лица. Од оваа установа посочуваат дека интерес за трета доза има вообичаено кај повозрасната популација, но велат има и млади кои доаѓаат повторно да се имунизираат. Непречено се спроведува и вакцинацијата со прва и втора доза. Со две дози досега се имунизирани над 43.000 лица. Најголем е интересот за вакцината „Фајзер“.

– Процесот на имунизација во Здравствен дом Куманово продолжува непречено. Почнувајќи од минатата недела почнавме со апликација на третата доза кај лица кои се вакцинирани со кинеските вакцини, односно со вакцината Синовак и Синофарм, три месеци после втората доза. Досега можам да кажам дека има голем интерес за примање на третата доза. За прва доза воглавно се помладите категории граѓани-истакна Монализа Мемети, лекарка во Здравствен дом Куманово.

Од неодамна во Куманово вакцините се аплицираат само во Здравствениот дом, бидејќи пунктот во спортската сала е затворен. Здравствените работници работат во две смени.

– Апелирам до сите граѓани што побргу да ја искористат нивната можноста за вакцинација, секако тие може да дојдат и за трета доза да примат, но и за прва, само на таков начин можеме да постигнеме колективен имунитет-дополни Мемети.

Екипи од Здравствениот дом на терен вршат и ревакцинација во руралните средини.