19 слики работени во техниката акрил на платно и колаж се поставени во изложбениот салон на центарот за култура како дел од 19-та Меѓународна ликовна колонија „Карпино 2021“ во организација на Мултимедијалниот центар Карпино. изложбата беше отворена вчеравечер во претсрет на денешниот празник на градот, Денот на ослободувањето на Куманово, 11-ти Ноември.
Пред присутните се обратија претседателот на МЦ „Карпино“, Зоран Павловски и Секретарот на општина Куманово, Александар Гелевски.
На ликовната колонија учествуваа уметниците: Маја Ефтимова Стојанова, Александар Стефановски, Христина Стојчевска, Гроздан Крстевски, Дејан Арсовски – Бабата, Зоран Арсовски – Бабата, Елизабета Зафирова Стојанова, Далибор Јовановски и Емилија и Стојче Тоциновски од Македонија, како и Милена Тошиќ од Р.Србија.
Поради пандемијата и новонастанатите отежнати услови за работа, дел од уметниците работеа во своите ателјеа, а поголемиот дел на местото кадешто традиционално се одвиваат активностите на оваа реномирана колонија –ресторант „Грација“.
Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 24-ти месецов.
