Генералниот секретар на СДСМ и вицепремиер, Љупчо Николовски, во гостувањето на ТВ21 синоќа најави дека партијата ќе се обиде да го врати градоначалник Максим Димитриевски во своите редови. „СДСМ ќе влезе во постапка во која верувам врз база на сите дискусии кои сме ги имале по изборите ќе извлече поуки, ќе донесе многу одлуки. СДСМ ќе направи се преку сите процеси и промени што ги прави, и верувам дека и овој предизвик пред кој се наоѓаме ќе го решаваме сите заедно и дека обединети, со многу промени и детектирани слабости и отстранување на истите, ќе биде партија која ќе биде целосно подготвена за следните предизвици“, рече Николовски.
На дополнително прашање од водителот „да резимирам, ќе се обидете да го вратите Максим“, Николовски одговори: „Ќе се обидеме да направиме сè, да“.
Во врска со изјавата на Николовски, градоначалникот Максим Димитриевски денеска на ФБ напиша:
„Никој не може да ме враќа во партија од која никогаш немам излезено и согласно статутот на мојата СДСМ се уште сум член и воедно со нетрпение ја очекувам седницата на ЦО на која ќе разговараме и за мојот статус, но и за погубните политики на дел од раководството кои не доведоа во оваа состојба.
На СДСМ му се неопходни радикални промени и трансформации по вертикала и хоризонтала и начинот на практикување на власта, елиминација на лукративно – клиентелистичкиот пристап кои треба да бидат заменети со вистински државотворни политики базирани на идеологија во кои граѓанскиот ќе биде пред партиско – личниот интерес. Ние власта од граѓаните ја добивме за да бидеме различни, а не исти или слични со предходните.
Очекувам реализација на најавените оставки и кадровски смени и во владата, но и во партијата бидејќи едно од нашите начела беше и дека „Зборот е збор”.
Граѓанскиот концепт „За наше Куманово” е формиран токму поради различностите со владата и несогласувањата со дел од раководството на нашата партија и убедливо ја доби подршката на кумановчани кои за нас се приоритет во моментов. Оваа силна подршка за мене и луѓето од овој концепт е мотив повеќе за поголема посветенист во трансформацијата на Куманово но, и во борбата за поголема демократизација на државата. Изминатиот период притисоците кон мене и нашите подржувачи беа огромни, доаѓаа од луѓе кои се нарекуваат „мои сопартијци”, нема простор за разговор ниту договор со такви кои што срушија се, излегоа од начелата на СДСМ и се користеа со груевистички методи.
Нема да дозволам да бидам дел од нечии игри за собирање на ефтини политички поени, мојот фокус во моментов е да ги реализирам сите ветени проекти за кои што добивме доверба од граѓаните при тоа водејќи се по реални социјалдемократски начела“, напиша Димитриевски.
