Најмалку 45 патници и возачот загинaле во македонски автобус во Бугарија, јавуваат бугарските медиуми. Инцидентот се случил по 2 часот по полноќ кај селото Боснек во делот на автопатот Струма меѓу Перник и Дупница, на 31 километар југозападно од Софија. Автобусот сообраќал од Истанбул кон Скопје. Според информациите, тие се враќале од екскурзија во Турција. Меѓу патниците имало 12 деца, меѓу нив двајца близнаци. Несреќата ја преживеале седум луѓе, најмладиот од повредените е на 17-годишна возраст.
„Сите се граѓани на Северна Македонија, од повеќе националности се, но има и еден граѓанин од Прешево, Србија, кој заедно со вереницата од Куманово бил во Истанбул на прошетка. Во листата видовме и дека има едно лице со белгиско државјанство“, изјави премиерот Зоран Заев кој денеска, заедно со министрите за здравство и за надворешни работи, Венко Филипче и Бујар Османи, ги посети седумте хоспитализирани во болницата Пирогов во Софија.
Одговорајќи на новинарски прашања, Заев рече дека се уште не знае детали иако имал информација дека тие што преживеале, кога настанала несреќата успеале да го скршат прозорецот кај задните седишта.

(Фото: ЕПА)