ВИДЕО: Советниците засадија 33 зимзелени дрвја

33 зимзелени дрвја засадија кумановските советници во паркот пред градскиот базен. Советниците од коалицијата „За наше Куманово“ и ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како и од Беса, ДУИ и од Алијанса и Алтернатива, истакнаа дека на овој начин сакаат да го означат почетокот на заедничкото делување.

Најавија дека оваа е прва од многуте еко акциии за озеленување, чистење и други општествено-корисни работи кои предвидуваат да ги реализираат во четиригодишниот мандат.

-Оваа предлог иницијатива беше доставена од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и на координацијата едногласно беше прифатена. Жалам што не се присутни советници од СДСМ, затоа што ова е за добробит на сите граѓани. Вакви еко акции имаме за цел да ги практикуваме и во иднина, да станат традиционални и да влезат во програмата на советот. Ќе го прилагодиме и буџетот за вакви еколошки и хуманитарни и општествено корисни акции. Како советник и претседател на Советот, мислам дека советник на општина Куманово треба да биде пред се општествено корисна личност, која ќе даде пример како треба да се сака, почитува и уредува градот-истакна Ивана Ѓорѓиевска, претседател на Совет на Општина Куманово.

Советниците се надеваат дека со ова ќе дадат позитивен пример за пошумување во сите месни заедници. За акција поддршка добија од ЈП „Чистота и Зеленило“.