Кумановската болница се уште е без мамограф. Пациентките од Куманово и соседните општини се препраќаат на прегледи во другите градови. Стариот апарат не функционира од крајот на 2017-та година. Болницата како што информира менаџерскиот тим, упатила барање до Министерството за здравство. Набавката била ветена, но се уште не е реализирана поради коронакризата. Од здравствената установа укажуваат дека периодов предност се даде на набавка на други капитални инвестици и нова опрема.
-Несреќна околност е што брзо по запечатувањето на стариот апарат и тој беше донација, не бил купен нов, работел бил доста амортизиран и не беше безбеден ниту за пацинетите ниту за вработените. Ние пишавме барање до Министерството за здравство беа отпочнати некои постапки но потоа фати коронакризата и фокусот се стави на некои други работи. Имавме и почната градба на ургентниот центар, новиот ургентен хируршки центар кој заради неплатени обврски стагнираше завршувањето на изградбата. Тоа мораше да се реализира, се реализираше во меѓувреме заради загадување на воздухот моравме да побараме помош од Министерството за здравство за изградба на гасна котлара и тоа е реализирано со нивна помош, тоа се капитални инвестиции, но сепак добивме во меѓувреме и компјутерски томограф кој е мошне скап апарат, никогаш не би го набавиле со нашиот буџет, а исто така добивме и други апарати. Ендоскопски столб, сет за видеоинтубација, рентген апарат, ехо апарат, далеку од тоа дека не сме добивале-вели директорката на општата болница во Куманово, Снежана Захариева.
Од болницата сепак и покрај инвестициите укажуваат дека е неопходна и набавка на мамограф, бидејќи според податоците, на годишно ниво од 200 до 300 жени, се упатуваат на испитувања за карцином на дојка. Старосната граница на заболени од карцином на дојка се движи од 19 до 80 години.
-Се повеќе млади женски лица има и мажи но бројката е незанемарлива. Ако на пример во 2019 година сме имале 219 жени, имало пријавено 6 мажи од Куманово и од околните општини имало некоја бројка која се движи од 10 до 20 случаи, но најмногу има од Куманово-истакна Захариева.
Лекарите нагласуваат дека е неопходна превенција, а потоа и навремено откривање и третман при вакви болести.
