(ВИДЕО) Одрон оштетил куќа во „Перо Чичо“, надлежните се уште не реагираат

45-годишна кумановка е загрижена за својата безбедност. Одрон од голема карпа уништи дел од нејзиниот дом, но се заканува да ја зафати целата куќа.

Несреќата се случила во неделата рано наутро, нема повредени, но оштетени се тоалетите и дел од терасата. Таа, но и соседите со кои што го делат дворот, стравуваат дека карпата може да продолжи да се руши.

-Во спиење беше страшно, како земјотрес тоа ми дојде во глава, кога почнаа да викаат соседите се урна карпа, тогаш истрчав и јас навистина беше страшна глетка.  Пет дена сум без вода, струјата е на ризик, затоа што ако се урне сега карпата ако го закачи кабелот може да се дојде до пожар -истакна Вера Трајковска.

Пријавила во надлежните институции, но веќе пет дена нема никаква реакција. По пријавата во Центарот за управување со кризи, дошла екипа, извршила увид, ветила дека ќе се реши проблемот. Во исчекување дека ќе дојдат надлежните служби да ја отстранат карпата, таа не оди ниту на работа. Единствените кои ја посетиле се волонтерите од ОО Црвен крст Куманово кои и однеле пакет.

Градоначалникот на Куманово, пак вели се работи за објект кој е дивоградба, иако Трајковска тврди куќата е легализира и редовно ги надмируваме сите давачки.

-Ќе се обидеме во следниот период да ангажираме фирма која што  ќе го расчисти сето тоа што се однесува до карпата и одронот, а дополнително и преку Црвен крст реагирав да се однесе еднократна помош и ние ќе стоиме на располагање-нагласи Димитриевски.

Оваа кумановка, чиј дом може целосно да се урне, засега никој од надлежните институции не ја прашал за привремено сместување.