Кумановци се без јавен градски превоз, бидејќи навреме не е завршена постапката за избор на компании за превоз на патници. Освен за кумановци, немањето превоз е значаен проблем и за жителите на околните населби, но и селата. Голем дел од жителите деновиве немаат со што да заминат на работа. Проблем се очекува да се јави и со училишниот превоз по завршување на зимскиот распуст.
-Како не е проблем, требало 15 дена порано да го решат а не после 15 дена. Тоа е голем проблем целиот град е закочен без сообраќај, само таксисти-истакна еден кумановец.
-Се возиме но нема сега, пешки одиме, половина час од населбата каде што живееме. Од Бедиње, Лопате, Доброшане, Карпош се движеа автобусите. Јас денеска дојдов пешки-дополни друг.
За проблемот со превозот на Општина Куманово преку кратко соопштение информираше на општинскиот сајт.
–Ве известуваме дека од 01-ви јануари поради истек на важноста на дозволи на превозниците за општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово, ќе престане да се одвива јавниот превоз се до завршување на постапката објавена со оглас за уредување на општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општината, од 14-ти декември, објавен од страна на градоначалникот на Општина Куманово-се вели во соопштението од општината.
Телевизија Плус и останатите новинарски екипи денеска побара одговор од општината дали се работи на решавање на овој проблем. Надлежните служби не информираат дека е во тек состанок на комисијата и да се повикаме на објавеното соопштение. Раководителката на Секторот за комунални работи, инфраструктура и сообраќај и заштита на животната средина и природа, како и претседателот на комисијата која работи за решавање на проблемот, одбија да дадат изјава. Од општината посочуваат дека најверојатно состанокот ќе продолжи и утре, а се очекува да присуствува и кумановскиот градоначалник.
За прекинот со градскиот превоз на социјалните мрежи реагираа и советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Прашаа зошто општинската администрација не си ја врши работата како што треба, и тендерската постапка не била завршена порано.
