Повик за младински организации за користење на центарот

Општина Куманово објави јавен повик за избор на младинска организација или организација за млади која ќе раководи со Младинскиот центар во Куманово. Се повикуваат сите младински организации регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации и Законот за младинско учество и младински политики, да поднесат пријава.

Во согласност со Законот за младинско учество и младински политики, младинските центри се места каде се подготвуваат и спроведуваат програми кои ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјален и професионален живот на младите, информации од важен интерес за младите и други аспекти од животот на младите, стои во повикот од општината.

Младинскиот центар по одлука на Советот на Општина Куманово, општината ќе го додели на користење во временски период од 3 години, односно од февруари 2022 до февруари 2025 година. Организациите треба да достават програма за работа на центарот преку која ќе се спроведува системска поддршка на личниот развој на младите луѓе и нивното активно вклучување во животот на заедницата.

Младинскиот центар треба да биде од отворен тип и да им биде достапен на младите најмалку 40 часа неделно, распоредени во најмалку 5 дена.

Заинтересираните организации потребно е да достават:

  • Пријава и годишна програма за работа на Младинскиот центар за периодот одфевруари до декември 2022 година
  • Буџет за спроведување на предложената програма за периодот од февруари до декември 2022 година
  • Портфолио на организацијата која се пријавувана јавниот оглас,
  • Биографии на сите лица кои ќе бидат ангажирани во спроведување на годишната програма –
  • Тековна состојба од Централниот регистар не постара од шест месеци од организацијата или организациите

Висината на финансиски средства од Буџетот на Општина Куманово за 2022 година е во процентуална вредност од 50% до 70% од потребните средства за реализација на поднесената Програма за работа на Младинскиот центар Куманово, но не повеќе од 600 000 денари.

Градоначалникот, ќе формира Комисија за разгледување и евалуација на поднесените пријави. Во рок од три дена по завршување на рокот од Јавниот повик, комисијата до Градоначалникот ќе достави Мислење со предлог за избор на младинска организација  или организација за млади која ќе раководи со Младинскиот центар.Врз основа на доставеното Мислење, Градоначалникот, ќе донесе Одлука за избор на младинска организација или организација за млади која ќе раководи со Младинскиот центар.

Во рок од 3 (три) дена од донесената Одлука за избор, Градоначалникот ќе склучи Договор за управување со Младинскиот центар.

Во случај на заедничка пријава од повеќе организации, Договорот ќе биде потпишан со една од организациите (предложена во апликацијата) во име на неформалната група организации.

На огласот имаат право да се пријават младински организации или организации за млади со седиште во општина Куманово кои се регистрирани во Регистарот на младински организации и организации за млади, постојат повеќе од 5 години и работат во полето на младинската работа и младинскиот активизам.

Потполнетите пријави заедно со Програмата и буџетот треба да бидат подготвени во формуларите изработени врз основа на стандардите за квалитет на младинските центри од Правилникот на Агенцијата за млади и спорт.

Пријавите да се достават до Општина Куманово во рок од 7 (седум) дена по објавувањето на јавниот повик во архива или по пошта.

Некомплетните и ненавремени пријави нема да бидат разгледувани.