Специјализирана екипа на полицијата, тетовските пожарникари и вработени во општина Желино заедно со екипа нуркачи од Дирекцијата за заштита и спасување од Велес, два дена трагаат по возачот на возилото кое вчера излета од патот кај село Желино и заврши во надојдените води на реката Вардар. Вчера околу 11,30 часот, „голф 4“ со кумановски регистарски таблички излета од патот и падна во Вардар. Поради брзината на водата возилото било носено по течението на реката, набрзо пропаднало во природен јаз и визуелно не можело да се види. На местото на инцидентот веднаш дошле екипи на МВР, од Оперативниот центар на ЦУК, тетовските пожарникари и Брза помош. Со помош на механизација возилото било извлечено од реката, но го немало возачот и евентуалните сопатници кои можеби биле во возилото. Поради тоа била повикана и нуркачката екипа на МВР. Потрагата по возачот и евентуалните сопатници трае и денеска, а е доста отежната поради надојдените и заматените води на реката Вардар.