Повик за организации за проекти во рамки на ReLOaD2

Општина Куманово во партнерство со програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) објави јавен повик за граѓански организации за поднесување предлог проекти во рамки на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 (ReLOaD2).

Проектот е финансиран од Европската унија и го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во шест земји од Западен Балкан.

Ќе трае до декември 2024 година, а има за цел јакнење на партиципативната демократија и процесите за интеграција на земјите во Европската Унија преку јакнење на граѓанското општество за негово активно учество во процесот на денесување одлуки. Покрај Куманово се вклучени и општините Битола, Велес, Гевгелија, Гостивар, Крива Паланка, Кочани, и Охрид.

Општина Куманово и проектот ReLOaD2 ги повикуваат сите граѓански организации да поднесуват предлог проекти кои се доследни на развојните цели на општина Куманово и со кои се опфатени следните приоритетни области:

Заштита на животна средина

Развој и поддршка на иновативни проекти со еколошки активизам за зачувување и унапредување на животната околина, како и подигнување на еколошката свест за превенција од загадување на воздухот и справување со дивите депонии.

Иновативни идеи за подобрување на локалната заедница во областа на енергетската ефикасност и обновливи извори на енергија, како и иновaтивни проектни активности за заштита од загадување преку примена на конкретни еколошки мерки.

Социјална кохезија и намалување на сиромаштија

Поддршка на проекти и активности за подобрување на вештините и способностите на невработените лица за вработување или самовработување преку иновативни идеи: обуки, доквалификација и преквалификација и нивно прилагодување кон потребите на пазарот на труд како и други идеи и активонсти за поголема вработиливост.

Примена на нови иновативни идеи и методи во процесот на развивање и спроведување на социјални сервисни услуги заради  зајакнување и олеснување на животот на старите лица, лицата со попречености, особено на децата со пречки во развојот како и жртви на семејно насилство.

Градење на родово перспективна заедница со цел подобрување на економската состојба на жените преку поддршка на проекти за: само-вработување во областа на земјоделството, менторство и преку поттикнување на женско претприемништво (особено кај жените од: руралните средини, од ранливите категории и жените од Ромската националност).

Проекти и активности за социјална инклузија на малцински етнички групи и ранливите категории на граѓани особено лица со попреченост и деца со потешкотии во развојот, со цел подобрување на квалитетот на нивниот живот низ примена на нови иновативни идеи за учење и унапредување на нивното ментално и физичко здравје, како и намалување на проблемите од врсничкото насилство и малолетнички бракови  во рамките на социјалната еднаквост.

Туризам и Култура

Зaчувување, унапредување и заштита на културните споменици и знаменитости  како и зајакнување и унапредување на културните вредности и навики на граѓаните на локално ниво низ нов социјален инклузивен пристап.

Примена на нови иновативни идеи во процесот на  Развој и унапредување на туризмот, особено на  рурален и алтернативен туризам, преку искористување и промоција на културно-историското наследство, природните убавини и реткости за креирање на богата и разновидна туристичка понуда на локално ниво.

Младински иницијативи

Проекти за поттикнување на младински активизам за решавање на проблемите на младите во локалните средини како инивно прилагодување спрема општествените состојби во државата и локалната заедница.

Зголемена вработливост кај младите.

Поттикнување на здрав живот и здрави навики кај младите преку спортски активности.

Иницијативи за поттикнување на меѓуетничка толеранција и мултикултурализам преку поттикнување на заеднички активности меѓу различни етнички групи.

Активности за спречување на врсничко насилство.

Активности кои поддржуваат млади во рурални средини.

Износот на средства за одобрени проекти ќе се движи од 307.000,00 МКД до 1.845.000,00 МКД.

Општина Куманово и УНДП го задржуваат правото да не ги доделат расположливите средства доколку предлог проектите не ги исполнуваат зададените критериуми. Проектите може да бидат со времетраење од 6 до 12 месеци. Избраните проекти мора да се спроведат во периодот од март 2023 до февруари 2024 година.

На јавниот повик можат да учествуваат сите формално регистрирани граѓански организации согласно со Законот за здруженија и фондации.

Јавниот повик ќе трае до 19-ти декември. Повеќе информации за самиот оглас може да се најдат на веб страницата на општината.