Искривени бандери закана за жителите на Бабин дол

Дотраени дрвени бандери претставуваат закана за жителите кои живеат на улицата Два, во населбата „Јане Сандански“, или попозната како „Бабин дол“. Мештаните се жалат дека столбовите со месеци стојат наведнати и секој момент може да паднат. Тие велат дека пред два месеци една од бандерите целосно паднала, и неколку часа останале без електрична енергија. Екипите на ЕВН тогаш проблемот го решиле со ставање бетонски потпирач, но по само неколку месеци, бандерата повторно е поднаведната и се заканува да падне на улицата, но и во двор на една од куќите. Жителите тврдат дека веќе неколку пати побарале помош од надлежните, но досега не добиле никаков одговор.

-Доаѓаат само кога треба да се земат пари и си заминуваат, никој не се грижи дали има струја да убие некое дете, возрасен-велат мештаните.

Жителите на населбата Јане Сандански, која се наоѓа на околу 5 километри од градот, велат дека иако плаќаат немаат улично осветлување, а дополнителен проблем им е и неасфалтираниот пат. Велат дека поради тешко пристапниот терен, веќе неколку пати се случило возила на Итна помош и противпожарната единица, да не можат да дојдат до нивните домови и навреме да интервенираат. Тие апелираат до надлежните што поскоро да ги решат нивните проблеми, но приоритет им се искривените бандери кои можат да загрозат нечиј живот.

Портпаролот на ЕВН, Атанас Ковачевски одговори дека нивните екипи постојано се на терен и вршат проверка на столбовите, а кога ќе забележат опасност веднаш реагираат. Ковачевски нагласи дека доколку бандерите во Бабин дол се под нивна надлежност, тие ќе испратат екипа и проблемот ќе биде решен. Додаде дека ЕВН работи на замена на дрвените бандери со бетонски и апелираше до граѓаните навреме да ги пријавуваат проблемите за да можат да интервенираат.

 

Коментари

коментар(и)