Идејниот творец на граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ Максим Димитриевски, синоќа се обрати на граѓанската трибина организирана по повод шест месеци од формирањето на здружението и една година од реалниот граѓански концепт од граѓаните и за граѓаните во НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово. Потенцираше дека граѓаните се тие што ја даваат силата и мотивот да работат уште повеќе, посветено, мотивирано за Куманово и за државата.
„Различни од вера, од нација, од политичко убедување, но сите кумановци заедно за нашиот град, за наша Македонија. Сакам да ве поздравам сите мои кумановчанки и кумановчани, да ве поздравам сите горди и достоинствени луѓе што вечерва сте заедно овде во оваа сала заедно со нас, Ви е поклонувам на сите. Нека ве гледаат, нека Ве бројат и нека калкулираат, а на крајот и нека фотошопираат, бидејќи со притисок, уцена и закана се добива само повратен одговор „Не“ и црвен картон. А тоа го научија од оние што беа пред нив и за жал ништо не научија“, рече Димитриевски.
Димитриевски информираше дека Куманово, Прилеп, Крушево и Тетово се првите градови каде се формирани граѓански здруженија поради тоа што ова се местата кадешто живеат многу одважни граѓани, храбри луѓе, со револуционерен дух, коешто не се стекнува туку се раѓа од денот на секој поединец роден на тие места, на овие места всушност е испишана револуцијата на македонската држава и државност.
Пред присутните се обратија и претседателот на здружението За наше Куманово, Даниел Стојчевски и претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска.