Уште неколку активности до крајот на годината му претстојат на Центарот за култура. Најмладите утре можат да уживаат во детска претстава, а повозрасните во изложба на авторката Валентина Илијевска. Во вторник е предвиден концерт на солистите од Македонската опера и балет.
Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ информира дека до крајот на годината установата ја очекуваат уште неколку настани. Ги повикуваат сите дечиња да присуствуваат на детската претстава Дедо Мраз во Музеј која ќе се одржи утре во 15 часот.
-Билетите веќе се продаваат на билетарницата, доколку има интерес ќе закажеме уште една претстава утре во 17 часот. Исто така утре ја најавувам и изложбата на Валентина Илијевска, Мини минијатури, тоа е од годишната програма во Центар за култура и со тоа го завршуваме изложбениот дел. Во вторник ги поканува сите кумановци да дојдат на новогодишниот концерт со солистите од Македонската опера и балет и сигурен сум дека ќе уживаат во еден убав, новогодишен концерт при крајот на годината. Тоа е во вторник во 20 часот, овде во малата сала на Центарот за култура-истакна директорот на Центарот за култура, Сашо Тодоровски.
Центарот за култура ја прилагоди малата сала за изведување камерни претстави, бидејќи се уште трае реконструкцијата на Театар Куманово.
-Во моментот привршува втората фаза од реконструкцијата на театрот, завршните работи се во тек. Треба да заврши целиот процес за неколку дена и очекуваме сега со новиот буџет во јануари да видиме колку пари ќе ни бидат одобрени за третата фаза која би требало да започне некаде средината или крајот на март да се смени кровната конструкција-дополни тој.
По замената на кровната конструкција, ќе следува и четвртата фаза од реконструкцијата.