Повеќе од 90 отсто од учебниците се доставени, вели министерот за образование
Повеќе од 90 отсто од учебниците се доставени за прво, второ, четврто и петто – одделенијата во кои децата учат според нови наставни програми согласно со Концепцијата за основно образование од 2020 година, рече министерот Јетон Шаќири и соопшти дека деновиве се доставуваат и последните учебници што недостигаа.
Идната година со нови наставни програми, согласно Концепцијата, ќе бидат опфатени трето и шесто одделение, а Шаќири уверува дека сите учебници ќе бидат доставени на 1 септември односно ќе бидат запазени роковите. На почетокот на учебната 2022/2023, поради доцнење на учебниците, учениците во овие одделенија добија материјали за учење за првото тримесечје.
Шаќири информираше дека за прво одделение се доставени учебници по сите предмети и за сите наставни јазици, освен за предметот Општество кој изминатата недела е одобрен во Националната комисија за учебници.
Во второ одделение дистрибуирани се сите учебници, освен за предметите Математика и Општество кои, рече, денеска и утре се доставуваат во сите училишта. За четврто одделение, како што рече, сите учебници се доставени, а за петто освен за Македонски јазик. За овој предмет, појасни министерот, на двата огласа од Националната комисија за учебници и Педагошката служба не бил пријавен ниту еден автор и е формирана група на автори.
За идната учебна година, согласно Концепцијата, нови наставни програми треба да има и за трето и шесто одделение и, согласно нив, да се подготват и нови учебници.