Во Куманово нема да се тргаат натписите на спомен плочите каде пишува бугарски фашистички окупатор,потенцираше градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски во гостувањето во емисијата „Говори сега“ на бугарската национална телевизија во Софија.
„Во мојот град нема да се тргаат натписите на спомен плочите кадешто пишува бугарски фашистички окупатор, затоа што и тој бил окупатор, не бил администратор. Значи, нас не окупира. Ако се сеќавате во периодот на окупација, доаѓаат бугарските војски во Македонија, тоа е свежа историја, ги чекаат на одредени места и градови со леб, сол и погача. Ја делат Македонија до Групчин и тоа ја потврдува желбата за чиста окупација и припојување на територија“, потенцираше градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во гостување во емисијата „Говори сега“ на бугарската национална телевизија БНТ1 во Софија.
Во емисијата, Димитриевски изјави дека Гоце Делчев е симболот на македонизмот.Тој потенцираше дека бугарите мора да признаат еден непобитен факт, а тоа е дека Македонецот постои и не може да велат дека после 46-та година Македонците настанале.
„Бугарите ќе бидат запишани во Уставот без никаков проблем кога ќе има реципроцитет, кога мојата баба Бранка во Благоевград ќе може да биде Македонка, а не Бугарка. Ќе си најдете начин барем една декларација во Парламентот ќе донесете кадешто ќе го признаете Македонското малцинство“. „Во периодот 1941-1944-та година Бугарија е составен дел на фашистичката коалиција, за тоа постојат документи“.
„Знаете што е резултат на таквиот режим на владеење? Оваа книга само за мојот град, над 900-тини жртви. Овој човек има 15 години, исечен е на парчиња. Значи, над 800тини жртви, од кои најголем дел или над 90% се убиени од бугарската фашистичка полиција и армија. Ова не може да се заборави, но може да се стави на страна, да се учи од минатото и да креираме нова иднина, но, не на начинот како што го креираат некои поединци од вашата држава. За да почитуваш првенствено треба да добиеш почит. Јас бев се поклонив на жртвите во Страцин во таа борба. Но, следната година слушнав навредливи зборови во мојата сопствена држава од поединци. Така ли ги чествуваме заедничките историски денови?“, праша Димитриевски.
Во емисијата, тој информираше дека за положување на цвеќе во Скопје чекал два часа, бил најавен во делегацијата и чекал затоа што такви биле мерките за безбедност. Во однос на ситуацијата со момчето од Охрид, Димитриевски посочи дека момчето не го познава, но го осудил веднаш тој чин.