ТВ Плус одбележа една година постоење

По само една година постоење, телевизија Плус со точни, навремени, актуелни, објективни  и пред се независни информации, успеа да ја добие довербата на кумановци.  Во овој краток период медиумот се етаблираше како непристрасна телевизија, која се грижи за проблемите на граѓаните. На 25-ти март минатата година за прв пат беше пуштен телевизискиот сигнал, за да веќе од први април, започне емитувањето на програмската шема.

ТВ Плус се наметна и како медиум кој продуцира своја програма. На кумановци веќе добро им е познат Дневникот од кој може да се информираат за  најзначајните настани во градот. Граѓаните веќе неколку месеци го почнуваат денот со Студио плус, емисија од информативно-забавен карактер, а подеднакво познатата им е и емисијата Апдејт.

Подемот на телевизијата го следат и дебатната емисија Став, која од недела в недела е се погледана и покоментирана, како и хумористичната Нема љутиш, која не остава никого без насмевка на лицето. Особена гордост на ТВ Плус е и тоа што лично продуцираните емисии се емитуваат и на повеќе локални и национални телеивизии, со што медиумот придонесува и за промоција на градот и дијалектот.

-Со гордост можам да кажам дека најголемиот дел од планираните активности во овој период успеавме да ги реализираме, дел од нив не, но искрено се надевам дека во следниот период ќе успееме да направиме една програмска целина и на тој начин да понудиме уште поинтересни содржини за нашите гледачи.  Би упатил поздрав до гледачите на ТВ Плус, за довребата што ни ја укажаа во овој период верувам дека и понатаму ќе биде така-изјави директорот на ТВ Плус, Драган Ивановски.

Кумановци со коишто поразговаравме ни посакаа успех во наредниот период и уште поинтересни содржини и побогата програма. Инаку телевизија Плус е прва во државата, која освен на македонски, има концесија за емитување на програма и на српски јазик. Во втората година медиумот ќе остане подготвен за сите предизвици и ќе продолжи избалансирано, навремено и објективно да ги информира граѓаните.

 

 

 

 

 

 

 

 

Коментари

коментар(и)