ВИДЕО: Промовирана книгата „ Мрежата на Абвер на Балканот“

„Мрежата на Абвер на Балканот“ е насловена книгата од авторите проф. Иван Бабановски, проф.д-р Самуел Колономос Садикарио и ликовниот уметник Мартин Димковски Бабагинин што беше промовирана денеска во Куманово. Еден од авторите на книгата, Иван Бабановски, објаснува дека Абвер е воено-политичка тајна служба на Третиот Рајх, која била активна за време на Втората светска војна, но создала мрежа на агенти кои продолжиле да бидат активни со субверзивни дејности и по завршувањето на војната.

На околу 750 страници авторите на книгата со архиски податоци и фотографии детално ја анализираат мрежата што била создадена во служба на нацизмот на Балканот.

Мотивите за пишување на книгата се истражување на минатото, бидејќи сѐ што ни се случува денес има корени во минатото, а денес ни се случува истото што се случувало и тогаш, но ние или сме го заборавиле или не сме го проучиле доволно за да го препознаеме, појаснува еден од авторите на книгата, Мартин Димковски Бабагинин.

На промоцијата пред присутните се обрати и градоначалникот Максим Димитриевски, кој верува дека читателите на ова книжевно дело ќе имаат можност да научат нешто повеќе од авторите кои што се занимаваат со истражување.

Коментари

коментар(и)