ВИДЕО: Нино Величковски со концерт ја одбележа четириесетгодишната музичка кариера
„Треба да си ја чуваме убавата, автохтоната македонска песна“, порача Нино Величковски по повод четириесетгодишното успешно постоење на музичката сцена во Македонија, но и во светски рамки. Голем број негови долгогодишни колеги, пријатели, соработници беа дел од големиот концерт што се одржа во НУЦК „Трајко Прокопиев“ под мотото „40 години со Нино, песна, љубов и вино“. Во рамките на концертот се емитуваа и бројни исечоци од архивирани видео материјали поврзани со кариерата на Нино и неговите соработници, а во фоајето на националната установа беа изложени и дел од плакетите, дипломите и признанијата кои што Величковски ги добил во текот на четиридецениската музичка кариера.
– 270 снимки со Октет Куманово, безброј со моите тамбураши и солистички, не е тоа мал музички багаж и затоа и радоста моја е, среќа е уште поголема со надеж дека уште ќе оставам за мојот град и за мојата Македонија. Тоа е еден спој на младост и искуство, почнувајќи од Перо Христов, преку нашата сограѓанка и моја драга Маргица Антевска до Виолета Томовска која е првата дама на македонската народна музика, староградска, мојот другар Наум Петрески, со години се дружам со него, групата Боеми од Битола со која соработувам преку 30 години, моите Кумановски тамбураши, ансамблот Табиет од Свети Николе, прекрасен концерт и среќен сум заради тоа, Александар и Дац моите драги пријатели со две музичики нумери, Бабино девојче итн. Концертот траеше преку два час. Јас сум среќен човек што успеав од идеја до реализација со помош на моите пријатели, композитори, аранжери, медиуми, општината, фондацијата за култура испорт, центарот за култура итн. Сакам тоа да се случи и во Скопје, концерот да се преслика и таму, мислам дека има интерес, имам што да пеам, Бабино девојче, Стар беќер, Свирете ми тамбури, наши кумановски песни од Тумба фест, Сг да е жив Батко Ѓорѓија, Зет домазет и многу многу песни, не можам да ги избројам и многу тешко беше да се одлучам само за дел од тие песни на концертот. Овде е толку инспиративно и толку богато фолклорно поднебје да навистина не треба никаки примеси. Треба да си ја чуваме убавата, автохтоната македонска песна и чинам дека работам на тоа да го задржам тој стил на пеење иако животот оди понатаму, има нови трендови, но да се базираме на изворот односно на убавата македонска песна, изјави Величковски.

Музичката кариера Нино Величковски ја започнал во 1983-та година заедно со Октет Куманово со првата песна „Кажи ми Лено душо“, музика и аранжман на Миодраг Божиновски – Мичо, текст на Љубе Цветановски.
„И оттогаш широко беа отворени портите на македонската фолк сцена“ се потсетува Нино.
Само пофални зборови за својот колега од Октет Куманово упати и авторот на монографијата Петар Николовски.
„Нино е неуморен, голем оптимист кој што со својот талент успеа да се издвои од останатите во Октет Куманово и самостојно кариерата да ја гради и надвор од Македонија “, вели Николовски.
-Нино е производ на Октет Куманово бидејќи Октет Куманово сигурно дека беше повеќе од 40 години активен во почетокот, но, во меѓувреме Нино со својот талент се издвои во групата кумановци во Октет и полека тој ја креираше и својата кариера, нормално поддржуван од нас, кој е по природа голем забавувач, без Нино нема весела атмосфера, било за време на некој концерт или дружењето после концерт во некој ресторан или при патување надвор од Куманово. Нино е неуморен, голем оптимист, едноставно речено никогаш не сум го видел нешто да не е расположен, јас со Нино многу сум се дружел, околу монографијата што ја пишував за Октет Куманово, секако дека Нино беше еден од помаркантните делови од Октет Куманово и тоа едноставно многу ми е драго. Честитки за пејачката кариера на Нино, кој веќе ги надмина границите на Македонија, кој можеби е многу повеќе познат во некои места надвор од државата, отколку во Македонија, изјави Петар Николовски, Октет Куманово.
Шеснаесетгодишната соработка на Нино со претседателот на Светската тамбурашка асоцијација д-р Јован Пејчиќ резултираше со доделување на специјално признание за негување на тамбурашката песна.
-Со Нино Величковски соработувам веќе 16 години и чест ми е што вечерва сум во Куманово, а воедно имам и убава обврска во име на Светската тамбурашка асоцијација да му врачам на Нино најголемо признание кое што Светската тамбурашка асоцијација доделува на еден поединец за заслуги за зачувување, унапредување и негување на музиката во овој случај, тамбурашката музика. Тоа признание во овој момент пристигнува во Македонија, во Куманово и оди во рацете на Нино Величковски. Ние работиме на глобално ниво на унапредување на тамбурашка музика, изјави д-р Јован Пејчиќ, претседател на Светска тамбурашка асоцијација.
На присутните во салата им се обрати градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, гостинот од Нови Сад, д-р Јован Пејчиќ, претседател на Светска Тамбурашка Асоцијација и директор на „Тамбурица фест“ – Нови Сад, како и Миро Маринковиќ, претседател на Европски Тамбурашки Сојуз, а на видео бимот се обрати Мичо Мирановиќ, уметнички директор на Тамбурашкиот фестивал во Бјело Поље.
Дел од многубројните хитови од Нино се песните: „Свирете ми тамбури”, „Бабино девојче”, „Уште еднаш”, „Не се трпат немири”, „Малку треба”, „Сега е веќе доцна”, „Кажи ми Лено душо”, „Многу е тешко да си зет”, „Со мерак” и сл.
Величковски е организатор на Меѓународниот тамбурашки фестивал во Куманово, а беше директор на Фондацијата за култура и спорт при општина Куманово.