ВИДЕО: Од денеска задолжителна зимска опрема во возилата

Од денес стартува задолжителното носење зимска опрема во возилата. Според Законот, полицискиот службеник ќе нареди на возач да го прекине натамошното движење на возилото, ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема. Исто така, полицискиот службеник може да нареди возачот да го прекине натамошното движење и кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење на зимска опрема, ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно задолжително да ја постави на возилото зимската опрема.

– Од денеска (15.11.) започнува законската обврската на возачите за  задолжително поседување на зимска опрема во возилата, која ќе трае до 15 март, согласно одредбите утврдени во Правилникот за задолжителна опрема на возилото, за безбедно учество во сообраќајот на патиштата. Како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 кг се подразбира   зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од четири милиметри; · пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина, со минимум од најмалку 4 мм., ако возилото во приборот поседува синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала. Како зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала  се подразбира: · зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм; · пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина со минимум од најмалку 4 мм., ако возилото во приборот поседува синџири за снег и во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина, изјави Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово

Како зимска опрема на моторните возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 кг. се подразбира: · зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм. · пневматици со летен профил на сите четири тркала, со длабочина на шарите на нагазниот слој, по обем и широчина со минимум 4 мм, ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала; · автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата. Во согласност со Правилникот за задолжителна опрема на возилата, во патниот сообраќај на возилата е забрането поставување на пневматици со клинци.

Мандатен платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе му се издаде на возачот кој постапува спротивно на законските одредби.

– За непочитување на оваа одредба,  возачите ќе бидат прекршочно санкционирани  со глоба од 45 евра во денарска противвредност, а доколку биде платена во рок од осум дена од денот на издавањето, ќе може да платат половина од износот, изјави Младеновска.

Надлежните апелираат до возачите да се придржуваат кон законската обврска за поседување на зимска опрема, бидејќи така овозможуваме непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата во зимски услови.