Препораки од Владата заради топлотниот бран

Бремените жени и лица на возраст над 60 години да се ослободат од работните обврски, се дел од препораките кои ги донесе Владата поради високите температури кои ја зафатија државата. Препораките имаат важност до четврток, 18 јули.

Во истиот период, се препорачува работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење на градежни и други физички активности на отворено во период од 11 часот до 17 часот.

Донесена е и одлука за детските градинки да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во период од 11 часот до 17 часот.

Исто така, Владата препорачува до единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и на бездомници, a со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик за здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.