Кајмакоски го израдува малиот Александар

Бескрајна  радост, насмевка на лицата, огромна благодарност . Вака би можела да се опише првата средба на Александар и Мартина Додевски со нивниот херој, Даниел Кајмакоски, кој што 25-те илјади евра што ги освои на српското музичко шоу „Твоето лице звучи познато од се срце“  ги донираше за операцијата на седумгодишното дете од населбата Иго Тричковиќ. Александар исто како и неговата 10 годишна сестра боледуваат од цироза на црниот дроб, но кај него болеста многу бргу напредувала и затоа е потребна итна трансплантација. Иако е тешко да се одлучи кому да се помогне бидејќи реално на многу семејства им е потребна финансиска поддршка, сепак Кајмакоски смета дека донацијата дефинитивно отишла  во вистински раце.

– Кога прочитав за ова семејство знаев дека тука ќе ги донирам парите но сепак беше тоа тешко и на некој начин тежок пат да се дојде до таа одлука бидејќи поминуваш низ многу случаи , се соочуваш со вистината дека на многу семејства им е потребна помош , но одлуката ја донесе моето срце или Господ така сакал, едноставно тоа што ми го кажуваше срцето тоа и го направив без размислување , изјави Даниел Кајмакоски, пејач

Семејниот дом на Додевски денеска беше преполн со радосни дечиња кои што заедно со Кајмакоски пееја и се фотографираа. Најсреќна од сите беше мајката на Александар, Јасмина која што овој хуман гест од Кајмакоски го смета за поттик уште посилно да се бори со болеста на своето синче.

– Пресреќни сме, го чекавме со нетрпение и јас и моите дечиња, благодарност до Даниел Кајмакоски за хуманоста што сакаше  да ги донира парите токму на моите дечиња . Јас како мајка, како родител сакам децата да се излекуваат , да бидат среќни како другите дечиња . Александар сака да игра фудбал, Мартина тоа што ќе посака во животот тоа да го постигне, а јас да ги гледам среќни и насмеани моите дечиња, повторно голема благодарност до Даниел Кајмакоски што ни помогна,  што ни даде поттик да се бориме со двете дечиња, изјави Јасмина Додевска, мајка на Александар

Официјално се уште не се знае колку парични средства ќе бидат неопходни за операцијата, само е познато дека ќе се прави надвор од државава и ќе чини околу 100.000 евра. Во меѓувреме, се прават последните испитувања на Александар по што целокупната документација ќе биде доставена на разгледување во Фондот за здравствено осигурување, кој треба да одлучи каде ќе се прави операцијата и колку може да покрие државата. За семејството Додевски секој денар е добредојден.

– Овие две дечиња заслужуваат една шанса и се прекрасни, јас сум пресреќен што имав прилика да ги запознаам и уште еднаш да ги повикам сите Македонци и сите луѓе да ми се придружат во оваа акција и едноставно да ја покажат својата хумана страна бидејќи заедно сме многу посилни и многу побрзо ќе можеме да постигнеме тоа што го сакаме, изјави Кајмакоски.

Јасмина е самохрана мајка на три малолетни деца, која што поради здравствената состојба на Александар и Мартина не може да се вработи. Самата се грижи за секојдневната терапија на децата. Таа се надева дека во државата има уште хумани луѓе како Кајмакоски, кои ќе помогнат нејзините деца да ја надминат оваа болест.

 

 

 

 

Коментари

коментар(и)