Загина 15-годишно момче во сообраќајна несреќа, друг малолетник е тешко повреден
Секторот за внатрешни работи информира дека вчеравечер околу 21.40 часот во полицијата било пријавено дека на магистрален пат Куманово – Крива Паланка, во населба Карпош се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „бмв“ со албански национални ознаки, управувано од И.Б.(37) од Скопје и мотоцикл „јамаха“ управувано од малолетник од Куманово. Во незгодата, од здобиените повреди на местото починал 15 – годишен сопатник на мотоциклот од Куманово, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Додека, 16 – годишниот возач на мотоциклот се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во болницата во Куманово.
Увид на местото на несреќата извршиле екипа од СВР Куманово и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција, возачот на патничкото возило бил лишен од слобода, а возилото и мотоциклот биле предадени на вонреден технички преглед, соопштија денеска од СВР Куманово.