Во ООУ „Толи Зордумис“ се одржа обука за инклузивни спортски активности
Во ООУ „Толи Зордумис” денеска се одржа обука за инклузивни часови по физичко и здравствено образование во рамките на проектот што го реализира Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ поддржан од Општина Куманово преку Секторите за образование и за култура и спорт, како и Специјална олимпијада Македонија. Наставниците и стручната служба од основните училишта „Толи Зордумис“ и „Кочо Рацин“, како и стручните соработници од „Инклузива“ имаа можност теоретски, но и преку практични вежби од страна на обучувачот од Специјална олимпијада Македонија, Вања Врдинова да осознаат за правилниот пристап кон учениците со попреченост и начинот на кој треба да се практикуваат вежбите за полесно совладување од страна на децата.
Во училиштето денеска беше доставена и потребната опрема и реквизи. Проектот ќе трае шест месеци.
Инклузивни спортски активности прв пат се реализираа минатата година во ООУ „Кочо Рацин“.

-Минатата година пионир- училиште беше ООУ „Кочо Рацин“, тоа беше проект поддржан од Специјална олимпијада Македонија, здружението „Инклузива“ и Сектор за образование. Од оваа учебна година Општина Куманово го презема овој проект комплетно, со поддршка на здружението „Инклузива“ и заедно со Секторот за образование и Специјална олимпијада Македонија ќе биде опфатено и училиштето „Толи Зордумис“. Денеска сме во училиштето „Толи Зордумис“ каде што наставниците ќе бидат обучени и каде што е доставена и опрема и реквизити за наставата по физичко и здравствено образование, инклузивни часови по физичко образование и не само за овие две училишта. Ги повикуваме учениците од цела општина Куманово заедно со родителите да се приклучат во овие две училишта каде што ќе се реализира овој проект. Планираме да се реализира три месеци во првото полугодие и три месеци во второто полугодие. Претходниот проект ги даде резултатите затоа што пред се, гледаме задоволни ученици, задоволни родители и задоволни наставници, изјави Александар Јовановиќ, раководител на Сектор за образование во Општина Куманово
-Нашето училиште за оваа учебна година за првпат се вклучува во овие инклузивни часови по физичко и здравствено образование, за среќа го имаме искуството на училиштето „Кочо Рацин“ за да видиме, осознаеме кои се придобивките, а верувам дека придобивките ќе бидат многу, како за децата со посебни образовни потреби, така и за децата без пречки, меѓутоа сите заедно, инклузивно образование, инклузивен спорт, инклузивно ќе вежбаме, ќе тренираме, ќе учествуваме во овие забавни спортски игри. Се надевам дека ќе наиде на голем одзив кај родителите пред се, кај учениците и кај нашите наставници. Апелот е – нема граници, сите сме заедно, сите сме едно, да дојдат да не посетат на часовите, да видат за што стануава збор и активно да се вклучат во овие часови, ако не можат оваа учебна година, барем наредната и секоја следна година, изјави Дејан Младеновски, директор на ООУ „Толи Зордумис“
-Во нашето училиште кога бевме информирани дека треба да се спроведе проектот, сите бевме скептични, не знаевме во кој правец ќе се одвива самиот проект затоа што сметавме дека можеби ќе има некој отпор од страна на родителите или пак од децата. Но, напротив, со текот на времето видовме колку децата беа задоволни и среќни, учеството беше редовно и од страна на учениците со попреченост и од останатите ученици. Учениците со попреченост беа одлично прифатени од останатите уечници, се дружеа, спортуваа заедно, среќата беше неизмерна. Во програмата беа вклучени двајца наши наставници, практикуваа разновидни вежби, а децата беа активни. Токму тоа беше и причината овој проект да продолжи и да се прошири и во другите училишта, изјави Галаба Давчевска, директор на ООУ „Кочо Рацин“

За бенефитите од ваквите активности говореше претседателката на здружението „Инклузива“, Благица Димитровска.
-Инклузивното образование е право на секое дете. Водени од искуството дека повеќето дечиња кои се вклучени во инклузивно образование не учествуваат во физичките активности во спортските сали поради предрасудите и беа изолирани додека нивните другарчиња вежбаа, јас би се заблагодарила на Општина Куманово и најпрвин на ООУ „Кочо Рацин“ што веднаш прифатија и минатата година видоа бенефит и децата и наставниците, но и децата без попреченост затоа што се дружеа како никој друг. Децата немаа предрасуди, а кај дечињата со попреченост се гледаше дека се подобрува нивната моторика, концентрација, ориентација во просторот и сите други вештини кои ги немаа во поранешниот период. Јас би ги повикала родителите да се пријават во „Инклузива“ за да формираме групи каде што ќе учествуваат во двете училишта. Во „Кочо Рацин“ бројката е исполнета, во ООУ „Толи Зордумис“ се уште не е. Ги повикуваме и од другите училишта наставниците да ги информираат, но и родителите да се пријават, изјави Благица Димитровска, претседател на здружение „Инклузива“

-Обуката не опфаќа нешто ново за наставниците, ова е секоја редовна програма што ја реализираат во основните и средните училишта, но сепак е прилагодена малку за децата со попречености. Во неа има низа на активности, имаме Прирачник во кој што има вежби и активности, дел од нив се на избор на наставниците оние што ги знаат. Ние во Специјална олимпијада – Млади атлети работиме, исто како кажа Александар, три месеци во првото полугодие, три месеци во второто од училишната година. Се работи на низа фундаментални вежби за развој на моториката кај децата, она што е изоставено, она што не е доволно развиено и она каде што учениците биле на страна и не биле секогаш вклучени и не сакале да се вклучат во активности сега имаат можност да си ги подобрат своите моторички способности, изјави Вања Врдинова, Специјална олимпијада Македонија
