Општинската организација на СДСМ Куманово денеска одржа прес-конференција на која беше побарано итно да се разгледа и ревидира предложеното сообраќајно решение на потегот на улицата меѓу зградите К4 и К5 со кое, како што посочи портпаролката Драгана Коцевска се узурпира единственото детско игралиште за околните десет згради.
-Владејачкото мнозинство на ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ го стави на јавна расправа Деталниот урбанистички план (ДУП) за потегот на улицата „Октомвриска Револуција“, меѓу зградите К4 и К5, во близина на малото пазарче. Не е спорно донесувањето на ДУП за одредени делови од градот – се носеле и ќе се носат. Проблемот е сообраќајното решение со кое се узурпира единственото детско игралиште што постои повеќе од 40 години и каде израснале генерации деца од околните 10 згради. Со пробивање на улици помеѓу зградите:
– се загрозува безбедниот пристап на децата до игралиштето.
– се оневозможува станарите да ги користат паркинг местата предвидени со купувањето на становите уште од 1988 година (и порано).
– се уништува постоечкото зеленило во услови кога Куманово е еден од најзагадените градови во државата.
Жителите со право реагираат! Јавниот интерес мора да биде пред сè, особено кога се во прашање најмалите. Не смее и не може да се измислуваат улици што се на директна штета на граѓаните. СДСМ стои зад граѓаните и нивните права! Како партија, не сме против градење и правото на сопственост, но урбанизацијата мора да оди со правилни сообраќајни решенија што нема да ги загрозуваат оние што живеат таму повеќе од 40 години.
Бараме од надлежните во Општина Куманово:
– Итно да се разгледа и ревидира ова сообраќајно решение.
– Да се одржи јавна расправа со жителите пред секоја ваква промена.
– Да се зачува зеленилото и детските игралишта – затоа што здравата и безбедна средина нема цена! – рече Драган Коцевска, портпарол на СДСМ Куманово.
