Училиштата во Куманово ги исполнуваат основните услови согласно Законот за заштита и спасување, покажал вонредниот инспекциски надзор извршен по трагичниот настан во Кочани.
Преку симулациска вежба за евакуација на ученици и вработени во случај на пожар или некоја елементарна непогода, во основните и средни училишта деновиве практично се применува Акциониот план за евакуација, информира раководителот на Секторот за образование во општина Куманово, Александар Јовановиќ.
Вежбата за евакуација се реализира во соработка со Отсекот за превенција при СВР Куманово.
Раководителот Јовановиќ посочува дека учениците иако директно не се засегнати, се уште се длабоко трогнати од трагедијата во која настрадаа и средношколци. Од 59-те жртви од пожарот, шестмина беа малолетни.
Значајна улога во справувањето на младата популација со новонастаната состојба има стручната служба во училиштата, потенцираат надлежните.