Повеќе од 400 натпреварувачи од петнаесет градови од Македонија вчера учествуваа на Државното првенство во атлетски дисциплини за основни и средни училишта, кој се одржа на атлетската патека кај спортскиот комплекс Соколана.
Натпреварот е во организација на Федерацијата на училишен спорт на Македонија и Општинскиот сојуз на училишен спорт, поддржан од општина Куманово.
„За организирање и за вакви настани имаме единствен атлетски терен во Македонија кој ги задоволува условите на училишни натпревари“, истакна Марјан Нојковски, претседател на Општинскиот сојуз на училишен спорт (ОСУС).
Натпреварот го отвори претседателката на Советот на општина Куманово Ивана Ѓорѓиевска.
Кумановските учесници на државниот натпревар во атлетика освоија над 20 медали.